Можностите за инвестиции и поддршка од државата особено за домашните компании, идни мерки како и презентација на примери на македонски компании кои со поддршката од државата градат успешни приказни било во фокусот на денешната панел дискусија посветена на економијата и инвестициите.
Настанот го организирале вицепремиерот за економски прашања и за координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, а на панелот учествувале и стопанственици и поранешниот премиер Димитар Ковачевски.
Битиќи, како што соопшти владината прес-служба, нагласил дека за првпат домашните компании имаат поголема финансиска поддршка споредено со странските инвеститори, како и дека поддршката во последниве шест години е порасната за речиси 13 пати.
-Со гордост можам да кажам дека нашите напори во поддршка на домашните компании преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции покажуваат конкретни резултати. Прво што направивме е изедначување на условите за финансиска поддршка на домашните со странските компании. Од нула поддржани компании во 2016 година до 919 денес, нашата заложба за економски развој и иновации станува реалност. За шест години, Владата ги има поддржано со околу 100 милиони евра за нивните инвестиции кои се над 500 милиони евра, истакнал Битиќи.
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски посочил дека само во ТИРЗ во последниве три години се постигнати договори во вредност од една милијарда евра што е еднакво на нивото на инвестиции во ТИРЗ од 2006 до 2020 година.
-Покажавме дека знаеме и дека можеме. Од револуционерни до стратешки инвестиции, одново и одново докажавме дека не само што ја разбираме играта, туку и одлично ја играме постојано, не само на полувреме. Почнавме да играме и во европска и светска лига, со Јагео, Гересхајмер и други, а имаме и многу домашни успешни приказни, рекол Деспотовски.
Сања Лазаревска сопственичка на компанијата Фор Лејди и Филип Арсов, ко-сопственик на Синапс Авиејшн споделиле свои успеси и предизвици, давајќи увид во реалното влијание на владините политики врз домашните компании.
Поранешниот премиер Ковачевски истакнал дека – „економската стабилност и поддршката на инвестициите секогаш беа на врвот на нашите приоритети, и денес можеме да ги видиме плодовите од тие напори“.
-Владата која ја предводев вложи значителни ресурси во приватниот сектор, што овозможи раст на инвестициите и зголемување на платите, дури и во време на големи предизвици. Поставивме таргет за 500 вера просечна плата, денеска е 650 евра или 290 евра повеќе од времето пред 2017 година. Нашата евроатлантска ориентација донесе највисоко ниво странски директни инвестиции од 754 милиони евра затоа што инвеститорите сакаат стабилен и безбеден амбиент за вложувања. Можностите за развој на компаниите ќе се зголемат уште повеќе со членството на Македонија во ЕУ и затоа е важно да се продолжи европскиот пат. Овој пат носи подобар животен стандард за граѓаните, подобра работа за компаниите, дополнителни фондови за развој на нашата економија. Има уште многу што да се сработи, рекол Ковачевски, стои во владиното соопштение.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.