„Ви пишувам и ви се обраќам со апел од политичар кој се кандидира на парламентарните избори на 8-ми мај и го бара вашиот глас. Навикнат сум да разговарам со вас за теми поврзани со подобрувањето на деловното опкружување како и поддршката што му е потребна на домашниот бизнис“, се вели во видеото на Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборна единица 2, во кое се обраќа до домашните бизнисмени.

Тој вели дека е среќен што имал можност да води сектор во кој помогнати се повеќе од 900 домашни компании со финансиска поддршка од над 100 милиони евра, притоа изразувајќи благодарност, како што вели тој, за храброста што одлучивте да вложувате во вашиот развој.

„Вие сте нашиот македонски бренд и сите заедно реализиравте инвестиции од над 500 милиони евра. Важно е, за вас, за вашиот бизнис, но и за нашата домашна економија, да продолжат овие позитивни политики за поддршка на бизнисот и во иднина. Затоа, СДСМ во следната владина програма предвиде зголемување на финансиската поддршка во вкупен износ од 180 милиони евра“, вели Битиќи во видеото.

Тој изразува разбирање за улогата на бизнисот во економскиот раст на земјата и благосостојбата на нашите сограѓани, но и тоа колку е неопходна безусловната владина поддршка во овој поглед.

„За да можеме да се развиваме со исто темпо и во следните четири години, потребна ни е вашата помош. На 8-ми мај ве повикувам да ме поддржите гласајќи за СДСМ и „Коалицијата за европска иднина“, под реден број 1 на гласачкото ливче. Се надевам на вашата поддршка!“, повикува Битиќи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.