Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) донесе одлуки со кои се зголемува крајната цена на испорачаната топлинска енергија во просек за 14,05% кај трите компании на територијата на Град Скопје.

Со денешната одлука цената на парното практично се враќа на ниво од јули 2018 година. РКЕ во последните 9 години носеше одлуки со кои сметките за парно континуирано се намалуваат, освен една година кога останаа на исто ниво. Природниот гас е енергенс кој државата го увезува и неговите високи цени влијаат во цела Европа. Ги уверувам граѓаните дека во моментот штом се стабилизира цената на природниот гас одлуката ќе биде ревидирана. До тогаш, упатувам апел до Град Скопје и општините да излезат во пресрет на најранливите категории со финансиска помош. Во исто време Ве информирам дека и Владата ќе преземе соодветни мерки со кои ќе се обезбеди стабилност во снабдувањето со топлинска енергија. По две години откако РКЕ иницираше проширување на листата на ранливи категории со лица кои имаат ниски примања, Владата се одважи да донесе одлука по моделот кој го предложивме. По истиот пример бараме и Градот Скопје да делува. Во време на енергетска криза сите мора да се солидаризираме, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.

Со одлуката во јули 2021 година цената на парното се намали во просек за 4.35%. По ескалирање на енергетската криза во Европа со огромниот пораст на цените на природниот гас и електричната енергија, дел од компаниите побараа ревидирање на цената за топлинска енергија дури и за 300%. Во Скопје околу 60.000 потрошувачи се приклучени на централните системи за греење на трите компании.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.