Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски вечерва рече дека поради технички проблеми, дневната евтина тарифа на струјата ќе почне од 1 декември и тоа е најраниот можен термин.

Според Бислимоски, ако имаше политика во ваквата одлука, дневната евтина тарифа ќе почнеше од 1 јули.

Со воведувањето на евтината тарифа, земјава, оцени Бислимоски, ќе има најниска цена на електричната енергија во Европа. Засега, поевтина струја од нас, како што напомена, има само Србија.

Првиот човек на РКЕ смета дека е прерано да се каже дали ќе има дополнително намалување на цената на струјата, но не верува дека може да се очекува драматично поскапување. Согласно предвидувањата, истакна, цената на електричната енергија во 2024 година ќе биде 160 евра за мегават час. Годинава во март беше 120 – 130 евра, во април 110 – 120 евра, исто беше и во мај, јуни и јули, но останува да се види како ќе биде во останатиот дел од годината.

-Имаше технички проблеми за кои треба време да се надминат. Операторот сакаше евтината тарифа да почне од 1 јули следната година, но успеавме да се разбереме и да се договориме да почне од 1 декември. Ова е најрано кога можеше да почне евтината тарифа. Евтината тарифа ќе значи и пет отсто линерано налмалување на цената на електриччната енергија, истакна Бислимоски во интервју за Канал 5 телевизија.

Во регионот, додаде, освен во еден дел на БиХ, во ниту една земја не постои евтина тарифа, а не посоти ниту во Европа.

-Од 1 декември дневна евтина тарифа кај нас ќе има, што е придбвика за граѓаните, тие ги изградиле термо и хидро електраните и редно е да им се врати на тие луѓе со евтина тарифа во текот на денот. Инаку, после Србија, имаме најниска цена на струјата за домаќинствата во Европа. Всушност, цената на струјата за домаќинствата во Македонија е најниска, освен во Србија, а со воведувањето на евтината тарифа, мислам дека ќе имаме најниска цена на електрична енергија во Европа, подвлече претседателот на РКЕ.

Тој повтори дека струјомерите ќе се заменат со пософистицирани, т.н. смарт броила и тој процес ќе почне во наредните година, две или три.

-Заменети ќе бидат сите струјомери со паметни броила за да може да се прави далечинско отчитување со што ќе се зголеми и довербата на граѓаните кон операторот на дистрибутивниот систем, подвлече Бислимоски.

Во интервјуто, тој уште еднаш порача дека мора да почне замената на јагленот со природен гас. Ќе мора да се градат, рече, и нови производни капацитети.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.