Анализите на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) покажуваат дека откако се воведени блок тарифите, домаќинствата ја намалиле потрошувачката на електрична енергија во скапа (висока) тарифа за 16,32%.
Согласно податоците, просечната потрошувачка на електрична енергија од 1 јули заклучно со 31 октомври во висока тарифа изнесувала 244 kWh, што е за 16,32% помалку во споредба со истиот период од минатата година кога просечната потрошувачка изнесувала 281 kWh.
Реформата е успешна, блок тарифите даваат резултати и ја постигнуваат таргетираната цел за рационално користење на електрична енергија. Принципот – кој троши повеќе да плаќа повеќе, а кој троши помалку, да плаќа помалку – има ефект и тоа го покажуваат анализите на просечната потрошувачка на електрична енергија во висока тарифа каде се регистрира за 16,32% заштеда во потрошувачката од како ги воведовме блок тарифите од 1 јули до 31 октомври, вели Марко Бислимоски, претседател на регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
РКЕ од 1 јули воведе четири блок тарифи со цел да испрати сигнал за рационално користење на електричната енергија. Првиот блок е до 210 kWh, вториот е од 211-630 kWh, третиот е во опсег од 631-1050 kWh и четвртиот е над 1050 kWh.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.