Министерот за финансии Фатмир Бесими, во образложение на Предлог-законот пред матичната собраниска Комисија рече дека обезбедувањето средства преку овој Инструмент е дел од стремежите на Владата и Министерството за финансии, во овие услови на криза кога на пазарите на капитал се високи цените, да се обезбеди финансирање по најповолни услови.

Со Законот, како што рече, е предвидено РС Македонија да има пристап до 530 милиони евра, од кои до крајот на годината треба да се повлечат 110 милиони евра, а наредната 155 милиони евра. Тоа се средства потребни за справување со последиците од енергетската криза и поддршка на граѓаните и стопанството кои се најпотребни во претстојната зима, истакнува министерот Бесими.

Целта на овој инструмент е да обезбеди ефективна заштита од криза за оние земји членки на ММФ кои имаат здрави економски основи, односно политики.

Министерот потенцира дека Инструментот за претпазливост и ликвидност е воспоставен во 2011 година и е наменет за земјите членки на Меѓународниот монетарен фонд – ММФ со здрави основи и политики и докажана практика за имплементација на политиките и кои во даден момент може да имаат и потреба од финансирање заради одредени ризици што би можеле да доведат до таква потреба.

„За да може една земја да се квалификува да го користи овој Инструмент е да има здрави економски основи и институционални рамки на политики; да имплементира и да има докажана практика на имплементирање здрави политики и да остане посветена на одржување таквите здрави политики во иднина.

Одборот на ММФ средствата треба да ги одобри до крајот на овој месец. Предвидено е да се користат во наредните 24 месеци. Рокот на отплата на средствата што ќе се повлечат е утврден на три години и три месеци од повлекување на износот од средствата. Каматната стапка по која се обезбедуваат средствата во овој момент изнесува од 3,66 до 4,66 %.

Ова е само еден од начините на кој оваа година се обезбеди финансирањето на буџетскиот дефицит. Моделот кој се примени од страна на Министерството за финансии и Владата овозможи заштеда само по основ на камата од 40 милиони евра годишно.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.