Проспектот за првата аукција за граѓанските обврзници ќе се објави до крајот на овој месец со што овој нов финансиски инструмент ќе биде достапен за граѓаните. Постапката за купување на обврзниците ќе биде едноставна и ќе се одвива преку експозитурите на банките каде ќе се поднесуваат барањата за оваа обврзница, најави министерот за финансии Фатмир Бесими.
За издавање на граѓанските обврзници, како што вели, има голем интерес од страна на граѓаните.
-Поентата на граѓанската обврзница не е државата да собере пари, бидејќи аукции на државни хартии од вредност на домашниот пазар државата одржува веќе две децении и морам да нагласам дека изминатите години секогаш има огромен интерес од страна на институционалните инвеститори (банки и фондови). Поентата е да се понудат нови можности за инвестирање на финансискиот пазар за граѓаните, можности кои се вообичаени во повеќето економии во светот, истакнува Бесими во интервју за „Фактор“.
Задоволен сум, посочува, што од најавата за издавање на граѓанските обврзници наваму, има голем интерес од страна на граѓаните.
-Верувам дека со отворање нови можности за инвестирање, напоредно со јакнењето на финансиската едукација на населението, ќе се подигне општата свест за доброто управување со заштедите и можностите за заработка од нив, истакнува министерот во интервјуто.
Тој додава дека граѓаните кои своите расположиви средства ќе ги инвестираат во граѓанските обврзници ќе добијат надомест, односно атрактивна камата, која ќе биде позната со објавување на Проспектот за аукцијата.
-Граѓаните добиваат сигурност, бидејќи државните обврзници секаде во светот се сметаат за безризична инвестиција, инструментот го издава државата, а воедно ги штитат своите средства од ефектите од инфлацијата. Обврзниците имаат купонска камата, што значи дека секоја година на вложената сума ќе биде исплаќана договорената камата, додека на истек на рокот се враќа и вложената главнина, односно износот кој граѓаните ќе го уплатат. Граѓанската обврзница ќе има рочност од две години, посочи Бесими.
Во интервјуто потенцира дека обврзниците се финансиски инструменти кои постојат во скоро сите економии и тие не се супститут ниту за штедни влогови, ниту пак за инвестиции во други хартии од вредност, на пример акции и удели во инвестициски фондови.
-Граѓанската обврзница нема за цел да замени, туку да го дополни релативно едноставното инвестициско милје во нашата земја. Прва лекција за инвеститорите е „не ги ставај сите јајца во иста кошничка – изгради портфолио“. Ние го дополнуваме портфолиото со можност за безризична инвестиција, потенцира Бесими.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.