Доколку Владата не интервенираше во подобрување на ликвидноста на АД ЕСМ најверојатно електричната енергија за регулираниот пазар ќе беше пет пати поскапа, порача вечерва министерот за економија Крешник Бектеши.

-Нашата заложба е електричната енергија што ја произведува ЕСМ да биде меѓу најевтините во регионот. Сепак, ако дополнително со одлука на Влада не го обврзевме ЕСМ да ги покрива загубите во мрежата на МЕПСО и ЕВН дистрибуција ќе пораснеше и трошокот за дистрибуција на струјата, а со тоа и крајната сметка што ја плаќаат граѓаните, рече Бектеши во интервју за ТВ Канал 5.

Нагласи дека има позитивни ефекти од воведувањето на блок тарифите за домаќинствата и додаде дека токму оние домаќинства кои повеќе штедат сега имаат помали сметки за потрошена електрична енергија отколку за дистрибуција на електричната енергија до нив.

Бектеши, како што рече, е задоволен од менаџментот и вработените на ЕСМ кои успеаја за 20 отсто да го зголемат производството на електрична енергија со опремата која е стара и по 40-тина година. Затоа не очекува да има поскапување на електричната енергија  по Новата година.

Владата во изминатиов период вложила 272 милиони евра за субвенции во топлинска и електрична енергија со цел цените за граѓаните да бидат поприфатливи.

-Во кризни времиња сите треба да покажуваат солидарност. Не може компании кои со години остваруваа профит да очекуваат субвенции за електрична енергија. Затоа тие компании што можат да ја поминат кризата без поддршка од Буџетот нема да бидат поддржани, а средните компании ќе добијат поддршка само ако дополнително се зголеми цената на електричната енергија на берзите, кажа Бектеши и најави дека од 1 декември ќе бидат поддржани компаниите кои произведуваат основни прехранбени производи.

На скопјани има порача да бидат мирни и дека на 15 октомври ќе им бидат топли радијаторите и такви ќе останат во текот на грејната сезона.

-Од 15 октомври топланите Исток и Запад ќе произведуваат 100 проценти од потребите за топлинска енергија за град Скопје доколку не работи ТЕ-ТО. Ако, пак, ТЕ-ТО не може да обезбеди гас за работа, тоа може да го направи државата преку ЕСМ која е задолжена да раководи со производството и дистрибуцијата на топлинска енергија за Скопје, посочи Бектеши.

Во насока на обезбедување на гас, како што кажа, договорено е со бугарската страна да се зголеми притисокот во гасоводот од постојните 36 на 48 бари за да се зголеми протокот на гасоводот. Тоа, како што рече, се прави со цел да се направат напори да се снабдуваме со гас и од други извори освен од Гаспром кој до 2030 година целосно го има закупено моменталниот капацитет на гасоводот. Најави дека до крајот на годинава ќе започне и изградбата на гасоводот со Грција

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.