Македонија не го плаќа со руски рубљи гасот што го добива од „Газпром“, истакна министерот за економија Крешник Бектеши во емисијата за надворешна политика „Светот и ние“ на БНТ, јави дописникот на МИА од Софија.

Бектеши наведе дека Македонија за гасот плаќа со евра, посочувајќи дека ниту едно плаќање од страна на властите во Скопје не е направено со руски рубљи, туку со евра, а во некои од случаите трговците плаќале со долари.

Во целост ги поддржуваме решенијата на Европската Унија и на Европската комисија, бидејќи единствената цел е започнување на преговири со ЕУ за пристапување и поради тоа одлуките поврзани со руската воена инвазија во Украина, Македонија ги прифаќа и исполнува, потенцираше Бектеши.

Министерот посочи дека Македонија нема големи трговски размени со Русија и оти трговијата меѓу Скопје и Москва е 1.5 проценти, речиси колку што е и со Украина.

Сепак војната во Украина влијае врз македонската економија, бидејќи земјата е обврзана со европските пазари. Ценовните шокови во сферата на прехранбената индустрија и енергетика се одразуваат врз македонската економија. Ќе продолжиме со дополнителни мерки за зачувување на животниот стандард на граѓаните, рече Бектеши.

Тој потсети дека Скопје покажал интерес за градењето на уште гасовод конектор меѓу Бугарија и Македонија (Петрич-Струмица). Двете држави, како што рече Бектеши, можат заедно да конкурираат за заедничко финансирање од европските фондови.

Македонија сака да ги продлабочи своите енергетски врски и со Република Бугарија и со Република Грција со цел да обезбеди обезбеди диверзификација на изворите на енергија, посочи Бектеши.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.