Во однос на изјавата на министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во врска со постапката за одземање на лиценца за приредување игри на среќа на две друштва заради неисполнување на условите од издадената лиценца за приредување игри на среќа, Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) информира дека нивните членки секогаш се на страната на законот и се бори за спроведување на сите законски норми во нашите објекти.

Според Министерството за финансии, се работи за друштва кои не ги подмирувале своите давачки кон буџетот од своето основање до денес, што е констатирано и во записник од страна на УЈП. Во овој контекст, потсетуваме дека сите наши членки секогаш навремено и целосно ги подмируваат своите обврски, со што имаат и сериозен удел во државната каса, меѓутоа без исклучок работиме за спроведување и на сите останати законски прописи во однос на влез на малолетници во објектите, одговорно обложување и сл.

Ние како Асоцијација сме целосно посветени на одговорно спортско обложување, а како индустрија сме контруктивен партнер на институциите кој силно се бори против секаков вид неправилности во секторот. Оттука, силно ја поздравуваме работата на Министерството за финансии и институциите да работат согласно законот, а со крајна цел заштита на играчите.

Членките на АСОМ се легитимни претставници на индустријата кои секогаш делуваат во насока на унапредување на сите аспекти од работење. По сите основи, од приредувачите на игри на среќа на годишно ниво во буџетот се слеваат 280 милиони евра по сите основи, а индустријата индиректно придонесува за приходите на околу 54.000 лица“, се вели во денешното соопштение на АСОМ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.