Граѓаните коишто не се луксузираат не треба да стравуваат од нов ценовен шок на струјата. За корисниците од првиот блок, кои имаат мала потрошувачка на струја нема да има промени во цената по Нова Година. Оние, пак, што загреваат поголеми простории и базени и ја користат струјата за полуксузни намени ќе плаќаат повеќе – најави денеска премиерот Димитар Ковачевски, пренесува Дојче Веле.

Цената на струјата ја одредува Регулаторната комисија за енергетика. Граѓаните стравуваат од нов ценовен шок, особено по најавите дека ќе се воведат нови ставки во сметките за струја.

Но, Ковачевски е дециден дека првиот и вториот тарифен блок опфаќаат до 98 проценти од домаќинствата во државата и за нив ќе нема никаква промена на цената, како што и немаше досега, бидејќи не се дозволи ценовен шок за граѓаните.

Третиот и четвртиот блок се помал број домаќинства што имаат поголема потрошувачка на електрична енергија. Во четвртиот блок се домаќинства коишто согласно своите приходи и можности загреваат поголеми простории, базени и слично. Секој согласно своите можности тоа може да го прави, меѓутоа и ќе плати поскапа цена на електрична енергија, бидејќи ние ја субвенционираме до 90 проценти за да немаме ценовен шок – рече Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.