Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до граѓаните, поради топлото време и високите температури да внимаваат на безбедноста на храната, но и на здравјето на милениците и домашните животни.

Според АХВ, најавено зголемување на дневните температури ги зголемуваат ризиците од појава на труење со храна.

За да се спречи ова, неопходно е да се направи правилен избор на храна при нејзина набавка и да се обезбеди соодветен транспорт и услови за чување. Потребно е да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување, а пред се да се купува храна од проверени места каде има соодветни услови и каде производите, особено лесно расипливите од животинско потекло се чуваат во разладни уреди – наведува АХВ.

Агенцијата ги потсетува потрошувачите да избегнуваат купување и консумирање храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да ги купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна како месото, млекото и јајцата да не ги чуваат долго време во автомобилите и во други транспортни средства.

Да се одбегнува купување на разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или во замрзнувач. Разладената храна да се чува на температура пониска од 5 степени Целзиусови, а храната која треба да се зготви термички да се обработи на темпeрaтура повисока од 60 степени Целзиусови. Овошјето и зеленчукот пред употреба темелно да се измијат под млаз вода, а месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. По подготовката, изладена, храната да се чува во фрижидер. На најгорните полици да се чува зготвената храна, а на подолните суровата. Храната да се заштити од инсекти, глодари и од домашните миленичиња и другите животни кои може да дојдат во контакт со неа – апелира АХВ.

Според Агенцијата, граѓаните кои јадат во угостителските објекти, да водат сметка дали операторите со храна се грижат за хигиената и безбедноста на храната.

Во објектите за брза храна да се одбегнува употреба на додатоци кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи,… Доколку се процени дека храната не е безбедна, да не се ризикува, односно храната да се фрли – истакнуваат од Агенцијата.

Оттаму додаваат дека високите температури се опасност и за домашните животни и милениците.

Од Агенцијата ги потсетуваат сопствениците да не ги оставаат домашните миленици животните во затворен автомобил директно изложен на сонце, да избегнуваат нивни прошетки во текот на најтоплиот период од денот. На животните да им се обезбеди доволна количина и постојана достапност до свежа и чиста вода и престој во проветрени простории.

На фармите, пак, да се внимава на населеноста (густината) на сместување на животните во објектите.

Животните да се заштитат од директните сончеви зрачења, на испустите да има натстрешници или природни ладовини, а излегувањето да биде во раните утрински или вечерни часови, периоди кога треба да се организира и транспортот на животните или тие да се користат во работни активности, бидејќи тогаш температурите се пониски.

Порастот на температурите претставува стрес за секое животно кој може да се манифестира со намалено консумирање на храна, зголемена потреба за вода, намалено производство на млеко и слаб прираст. Висок процент влага и недоволна вентилација во објектите може да биде причина за појава на топлотен удар кај животните, а сончаницата се појавува како последица на непосредно, директно изложување на сонце. Исходот може да биде фатален и во двата случаи доколку не се делува на време. Напорната работа или транспортот на животните при високи температури, дополнително придонесува за влошување на состојбата. Во услови на високи надворешни температури да се води сметка ако дојде до топлотен удар, животните да се сместат во ладовина или во разладена просторија, каде има доволно количество свеж воздух. Да им се даде доволна количина свежа вода, а телесната температура да им се намали со туширање/прскање со умерено ладна вода, или со покривање на главата и вратот со ладна и влажна крпа, но, треба да се внимава ладењето на животното да не биде премногу брзо – наведуваат од АХВ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.