Денес повторно разговараме за еден од пакетот на закони кој што сакате на брза трака да ги поминете во законодавниот дом, иако ова ви е наметната обврска од страна на владата која што потпишала нешто за што не била надлежна, им рече од собраниската говорница на пратениците од парламентарното мнозинство пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Дајанчо Ефтимов.

На седницата на која по скратена постапка се дискутира за законите за изградба на коридорите 8 и 10Д Ефтимов посочи дека, европското знаменце е злоупотребено и дека тоа го потврдија сите, но со ова законско решение како и со другите, ги прескокнувате цели постапки и фази од постапката за да едно решение, едно одобрение за градба или било кој друг акт даде согласно позитивните законски прописи и биде во согласност со уставот и законите.

Ефтимов се задржа, конкретно, во членот два од предлог законските измени и дополнувања, со кој се овозможува исклучување на цела постапка, во која е содржан и делот за предбележување на идеен проект за градба, со кој ќе се оневозможува промени во тек на реализација на проектот.

Урбанистички проект е всушност доразработка на урбанистичките планови, не е документ врз основа на кој што треба да се гради. Дополнително на тоа исклучувате цела една постапка и во ставот два велите „за градбите од стратешки интерес не се применуваат одредбите од овој закон кој се однесуваат на постапките за одобрување на идеен проект за издавање на одобрение за градење, услови за започнување со изградба, на измени во тек на изградба, за промена на инвеститор, за издавање на одобрение за подготвителни работи, и за прибележување и предбележување на градбата во јавната книга на недвижности, за рокот на изградба, за формирање на одлагалишта на земјишта„ и така натаму“, истакна Ефтимов.

Пратеникот посочи дека прескокнувањето на фазата за прибележување и предбележување се прави поради несигурноста на овие проекти и со кој ќе се овозможи на дневна основа да се менуваат параметрите и начинот на изведба на градежните работи.

Прескокнувате фаза на прибележување и предбележување. Тоа е таа несигурност која што ја воведувате со изградба на овие проекти бидејќи никаде ќе нема траг каде ќе оди таа траса. Не случајно е предвидено со потребните документи се предбележува и прибележува во агенција за катастар на недвижности, затоа што откако ќе се отпочне со имплементацијата на оваа траса веќе не можат да се прават други промени кои што сакаат одредени поединци да ги прават. А овде, без ад се прибележи самиот проект, на дневна основа можат да се менуваат параметрите и начинот на изведба, рече Ефтимов.

Додаде дека тука е суштинската разлика која што сакаат да ја направат, а дополнително за да се заштитат од побудите кои ги имаат, односно оние кои што им даваат насоки, се исклучува и електронското доставување на документите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.