Заедницата на албански општини, нема зошто да предизвика меѓуетнички тензии, вели генералниот секретар на Алтернатива Зеќирија Ибрахими, чија партија предложи ваква иницијатива, додавајќи дека предлогот ќе помогне во развојот на општините со Албанското мнозинство и унапредувањето на општите права.

„Една Асоцијација на албанските општини само би помогнало во развојот на албанските општини. Знаеме дека има многу албански општини кои се скоро без развојни ресурси како што се Липково, Арачиново, Студеничани и други кои едвај успеваат да опстанат“, вели Зеќирија Ибрахими.

Прашан зошто ваквиот предлог доаѓа по излегувањето на Алтернатива од Влада, според Ибрахими важно е тоа што ова прашање е во прилог на Албанците и дека не е важно кој и кога предлага.

„Што е важно, значи ние тоа да го направивме и додека бевме дел од Владата или сега, дали е важно времето кога таа се создава и кој ја создава или тоа што треба да се направи“, додава Зеќирија Ибрахими.

Потпретседателот на ДУИ, Арбр Адеми, смета дека овој предлог освен што е деструктивен за земјата, исто така оди на  штета на Косово.

„Патетично, антиамериканско и антиевропско и оди на штета на конечното решение на косовското прашање. Неуспешен обид за опстанок во политичката сцена по доживеаното фијаско и целосно погрешно и деструктивно однесување“, вели Арбер Адеми.

За СДСМ, неприфатливо е барањето на партијата на Африм Гаши, и целта е да се добијат политички поени.

Од друга страна, поранешниот сопартиец на Ибрахими, Скендер Реџепи – Зејди преку Фејсбук го коментираше предлогот за Асоцијацијата, оценувајќи го како обид за дестабилизација на безбедноста на државата, но Ибраими не сакаше да ги коментира овие изјави, кои  ги нарекува, апсурдни.

ТВ21 побара став и од Алијансата за Албанците, но тие не одговорија, а од Беса велат дека ќе се изјаснат наредните денови.

Предлогот на Алтернатива вчера го коментираше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој ги предупреди политичарите да не предизвикуваат меѓуетнички тензии, туку да се однесуваат мудро.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.