На 25 јануари Управниот суд ќе расправа по тужбата што потпретседателката на Државната изборна комисија (ДИК) Дитмире Шеху ја поднесе откако членовите на Комисијата не го усвоија упатството со кое таа бараше составот на Општинските изборни комисии (ОИК) и Избирачките одбори (ИО) да се бира согласно вкупното население од пописот од 2021 година.
Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, во интервју за МИА вели дека се повикани на расправа во Управниот судот и оти членовите на ДИК при гласањето се воделе од законот и од препораката на Државниот завод за статистика, членовите на ОИК и ИО да се бираат од население што живее во земјава.
Ние постапивме сите како што мислевме дека треба да постапиме и не се донесе тоа упатство. Според тоа, таа бараше врз основа на членот 34г гласање со консензус и на тоа гласање повторно иста беше одлуката. Немаше консензус така што можност понатаму во членот е управна тужба. Бидејќи се кратки роковите, нели изборите се ближат треба да се одлучува брзо, таа веќе поднесе и имаме покана на 25 овој месец да присуствуваме на расправата пред Управниот суд. Нормално јас ќе одам бидејќи, нашите, правната служба не ни била тука, за да го објаснам тоа, вели Даштевски.
Во интервјуто, тој појаснува врз основа на каква методологија се бираат членовите на овие изборни тела.
Ние постапивме согласно законот. Значи методологијата за избор на членови на ОИК и ИО била иста и по последниот попис и препорака на Заводот за статистика е да остане иста и сега после овој попис од 2021 односно од резидентно население, а не луѓе значи кои не се резиденти. Според тоа да се бираат. Ние останавме на тоа решение, а таа бараше според пописот да се сметаат и тие што не живеат во Република Македонија, така што сметам дека… не би сакал да прејудицирам што ќе одлучи Управниот суд. А друга работа е што консензусот според законот се бара пред да се гласа, а таа го побара после гласањето, вели Даштевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.