Предлог-концептот на даночни реформи главно се базира на проширувањето на даночната основа врз основа на намалувањето на сивата економија. Не се работи за реформи за зголемување на даноците, вели министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за МИА.
– Апсолутно ниту еден предлог што е на маса, не зборува за номинално зголемување на даночните стапки коишто се во законот. Напротив, во законските решенија, ако зборуваме за ефективната даночна стапка, за дел од интересните групи и граѓани посебно за ниско доходовните, ќе има ситуации каде даночното отповарување може да има надолна линија, истакнува Бесими.
Во видео интервјуто што во целост ќе биде објавено утре, министерот нагласува дека се работи за концепт, а не за предлог-законски решенија коишто Владата одлучила да ги донесе.
– Јас лично сум свесен дека една ваква тема ќе предизвика голем интерес во јавноста, а и одредени критики. Подготвен сум да ги слушнам тие критики и да најдеме соодветни решенија. За вакви важни прашања подобро да имаш дебата и да немаш на крај решение, отколку да одиш со решение без дебата. Значи се работи за суштинска дебата, а темата не е нова, се дискутира веќе две години и ние сме отворени за дискусија, вели Бесими.
Во однос на критиките во јавноста дека сега не е вистинскиот момент за една ваква реформа имајќи предвид дека се соочуваме со глобална економска и енергетска криза, според Бесими нема поволно време за даночни реформи, туку има значајни реформи кои ќе овозможат одржлив економски раст, конкурентност на домашната економија и подобар квалитет на живот на граѓаните.
Во интервјуто, министерот за финансии говори и за предлог решението за оданочување на каматите на депозитите и за прашањето за прогресивниот данок, а се осврнува и на новиот пакет антикризни мерки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.