Инспектори од мобилните тимови на Царинската управа запленија 26 илјади таблети екстази со вкупна тежина од околу 12 килограми, 84 грама кокаин и 31 грам марихуана, со проценета вредност од 200 илјади евра, кои требало да бидат дистрибуирани во земјава, соопшти денеска Царинската управа.

Направени се и дополнителни претреси на неколку локации и до Основното јавно обвинителство е поднесена кривична пријава против три лица.

Како што соопшти денеска Царинската управа, наркотичната дрога е пронајдена на вчера во раните утрински часови на влез на граничниот премин Табановце, по извршена царинска контрола со мобилен скенер на патничко возило со странски регистарски таблички управувано од македонски државјанин.

Истиот ден по издадени наредби за претрес на дом и други простории од инспекторите од Секторот за контрола и истраги на Царинската управа, во соработка со полициски службеници од СВР Скопје и МВР-ОКП-единици за недозволена трговија со дрога, извршени се претреси на неколку адреси во Скопје и Тетово. Притоа се пронајдени дополнителни докази и се приведени уште две лица.

Царинската управа – Секторот за контрола и истраги денеска до Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против три лица за сторено дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни суптанци и прекурсори“ и за истите е предложена мерка притвор од 30 дена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.