Основното јавно обвинителство Куманово донесе наредба за спроведување истражна постапка против 23-годишник од Велес со привремено престојувалиште во Куманово, кој е осомничен за кривично дело – разбојништво.

Како што информираат денеска од Јавното обвинителство, на 20 ноември, тој со употреба на сила од друг одзел туѓ подвижен предмет со намера противправно да го присвои. Додека оштетениот се движел сам по улица во алкохолизирана состојба, осомничениот го забележал и го нападнал, удирајќи го со тупаници во главата и телото.

Од ударите оштетениот паднал на земја, па осомничениот од џебот му го одзел паричникот во кој имало парични средства во различни валути (100 долари, 150 евра и 4.000 денари), како и банкарски картички и други документи. По настанот, избегал од местото на настанот.

Бидејќи постои основан страв дека осомничениот може да се даде во бегство, надлежен јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово достави предлог за определување мерка притвор. Судијата го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.