Советот за казниви дела при Врховниот суд одлучуваше по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, по предметот за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот.

Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Македонија донесе пресуда КВП2-101/23, со која барањата за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, поднесени од осуденитe А. Ѓ., К.Л. и А.К. против пресудата на Основниот кривичен суд Скопје К.бр.1768/22 од 30.11.2022 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ-224/23 од 05.06.2023 година, ги одби како неосновани“, соопшти Врховниот суд.

Претходно, Апелација ги потврди казните на сите осудени за убиството на Денис Тот. Првообвинетиот Анџело Ѓорѓиевски издржува 18 години. Второобвинетата Клементина Лефковска исто така издржува 18 години затвор. И на третообвинетиот Андреј Костовски му е потврдена казната затвор од 16 години.

Пресудата за Денис Тот од Кривичен беше изречена во ноември 2022 година. Судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ изрече високи затворски казни за тројцата, тогаш осомничени, сега правосилно осудени за убиството на Денис Тот.

Обвинетите негираа вина за делото убиство. Тие бараа да им се суди за тепачка. Тврдеа дека немале намера да го убијат Тот, ниту умисла, што е еден од условите за да се исполни битието на делото. Судскиот процес траеше два ипол месеца. Обвинителката Тања Трајчевска беше убедена дека докажала вина за убиството кај обвинетите. На судењата беа сослушани многубројни сведоци на настанот, како и вештаци. Клучни беа и снимките од видеонадзорот како од клубот пред кој Тот беше убиен така и снимките од градските камери.

Доколку ракометарот Денис Тот немал повреда на ‘рбетниот мозок, ќе преживеел. Ова го покажа вештачењето на Александар Станков, директор и доктор во Судска медицина при обдукција на телото. Докторот Станков вели: „Доколку таа повреда би ја немало, тој би можел да преживее“. Ударот во главата во тврда површина бил клучниот момент. Тој се случил кога Тот бил со бокс удрен од страна на обвинетиот Анџело Ѓорѓиевски. Сите обвинети се извинија за делото што го сториле.

Денис Тот беше убиен во април минатата година пред скопска дискотека. Во јавноста се рашири видео од тепачката пред дискотеката, на кое се гледа како обвинетите го удираат Тот, тој паѓа на асфалтот и останува без значи на живот.

Од април минатата година за неговото убиство во притвор се 28-годишниот Анџело Ѓорѓиевски, 19-годишната Клементина Лефковска и 22-годишниот Андреј Костовски. Обвинителниот акт беше поднесен на крајот од јули 2022 година.

„Обвинетите, на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот. По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди, од кои кај оштетениот најпрвин настанала коматозна состојба, а следниот ден починал“, стои во обвинението.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.