Во Кривичниот суд денеска треба да биде објавена пресудата за случајот со убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје на 7 април годинава.
За кривичното дело убиство, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје обвини три лица: Анџело Ѓоргиевски (28), Клементина Левковска (19) и Андреј Костовски (19).
Во завршните зборови на рочиште пред десетина дена, обвинителката Тања Трајчевска, побара тројцата обвинети да бидат прогласени за виновни бидејќи, според неа, во судскиот процес се докажало дека тие го сториле кривичното дело за кое се гонеле.
Имајќи предвид, како што истакна обвинителката во завршите зборови, дека откако Тот паднал на асфалтот бил удиран од обвинетите додека беспомошно лежел, тоа зборува дека тројцата обвинети го извршиле кривичното дело со умисла и оти биле свесни дека можат да настанат штетни последици.
Оштетениот, посочи Трајчевска, бил доведен во нерамноправна позиција бидејќи бил нападнат од тројца кои му задале удари по виталните делови од телото, во пределот на главата.
Одбраната, пак, побара ослободителна пресуда бидејќи според бранителите на тројцата обвините, никој од нив не ги задал ударите што биле фатални за хрватскиот ракометар, а обвинителството не докажало дека се исполнети „битијата“ за кривично дело убиство.
Адвокатот на обвинетата Клементина Лефковска во завршните зборови рече дека таа била жртва на Тот и дека се бранела од неговото малтретирање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.