Пожарот на планината Галичица од македонска страна е под контрола и нема опасност по населените места и населението кое гравитира на овој потег, ова се последните информации од екипите кои се на терен, објави на фесјбук градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.
Во моментот во гаснењето на пожарот од земја се вклучени околу 120 лица, а се дејствува со два хелихоптери од страната на Охрид и од страната на Преспа. Очекувано е во текот на денот да се вклучат и уште три авиони за гаснење од воздух.
Поспецифична е состојбата со пожарот од преспанска страна, каде што истиот има зафатено погуста и високостеблеста вегетација и гаснењето се одвива отежнато. Гаснењето од земја е отежнато и поради тоа што на овој терен постои неотстрането старо оружје и експлозивни направи, кои по налет на огнот експлодираат. Само во текот на вчерашниот ден се слушнале повеќе од 40 експлозии, објави Пецаков.
Охридскиот градоначалник се надева дека во текот на денешниот ден пожарот ќе биде локализиран и дека ќе се спречи неговото ширење понатаму.
Благодарам на сите вклучени на терен, кои со несебичен напор, ден и ноќ се борат со огнената стихија. Упатувам апел до медиумите, новинарите, населението и туристите да не шират непотребна паника, да споделуваат проверени информации и да се информираат само од релевантни извори, објави Пецаков.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.