Судењето за автобуската несреќа кај Ласкарци продолжува на 8 јуни откако во Основниот кривичен суд Скопје денеска беше сослушан сведокот Јакуп Мамути, дел од тимот што го изготви сообраќајното супервештачење.
Во првиот дел, јавниот обвинител, Дарко Јакимовски, го испрашуваше вештото лице Јакуп Мамути во однос на супервештачењето, за кое, вештото лице изјави дека го работеле помалку од една година. По паузата, се продолжи со испитување на истото вешто лице на прашања кои беа во голем дел одбиени од Судот, а се однесуваа на лиценцата на вештакот Мамути.
Покрај Јакуп Мамути и Љупчо Постолов, дел од тимот што го изготви сообраќајното супервештачење е и вештакот Незат Зеќир.
Супервештачењето што Судот го нарача во декември 2021 година беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење, или не се компетентни за истото. Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења, кое има можност да формира тим од лиценцирани вешти лица кои ќе направат супервештачење. Супервештачењето пристигна во Кривичен во декември. Потоа настапи формално отпочнување на процесот по кое се започна со сослушување на вештите лица кои го изготвија машинското супервештачење, кое, според вештаците утврдило дека автобуската несреќа не е од машинска природа.
Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Тројцата вработени во станицата за технички преглед, пак, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.
Судскиот процес за несреќата којшто започна во септември 2019 година, го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител, Дарко Јакимовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.