Управата за финансиска полиција денеска поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО), соопшти Управата, наведувајќи дека во пријавата биле опфатени сите обвинители за кои се смета дека постојат основи на сомнение за сторени кривични дела.
Со оглед на тоа што постапката за сите пријавени лица од овој момент е тајна, почитувајќи ја пресумпцијата на невиност на пријавените, тоа е се што во овој момент можеме да споделиме со јавноста, согласно Законот за кривична постапка, се вели во изјавата на Управата за финансиска полиција.
Деновиве Финансиската полиција објави дека обвинителите доставиле до судот лажни податоци за да добијат налог за претрес, со што е прекршен Законот за кривична постапка. Обвинителката Вилма Русковска деновиве се пожали на притисоци во нејзината работа, а за тоа побара помош од странските амбасади во земјава. Но, одговорот кој го доби од САД и ЕУ беше дека случајот мора да го решат надлежните органи во нашата земја. Во меѓувреме, директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми побара од обвинителката Русковска доколку има докази да поднесе пријава против него.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.