Тројца малолетници со петарди и жижици го предизвикале пожарот кај Расадник во Кисела Вода. Само еден од нив има 14 години, а другите двајца биле помали. Затоа и само 14-годишникот заработи кривична пријава за предвидување општа опасност.

Малолетниците имале среќа што избегале, па не се повредени во пожарот.

На 3 септември во попладневните часови, детето на возраст од 14 години, заедно со уште две деца во ризик кои не наполниле 14 години и од тие причини не се кривично одговорни, палеле петарди и жижици на земјена патека во месноста Расадник, Кисела Вода. Како последица на тоа, бил инициран пожар кој брзо се проширил на околната сува трева поради ветерот и зафатил површина од околу 3 хектари – дрвја, сандаци со пчели и неколку бандери за пренос на електрична енергија. Со пожарот била предизвикана значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од големи размери, велат од ОЈО.

Јавното обвинителство поднесе барање за поведување подготвителна постапка за 14-годишниот малолетник. Иако станува збор за кривично дело, кое според Кривичниот законик може да биде казнето со затвор од шест месеци до пет години, постапката е сосема различна со оглед на тоа што станува збор за малолетно лице. Постапката ја води Судија за деца од Основниот кривичен суд и за неа важи посебен Закон – за права на децата.

Токму тој Закон опишува како може да биде казнето едно дете.

На дете од 14 до 16 годишна возраст за дејствие кое со закон е предвидено како кривично дело можат да му се изречат само воспитни мерки, се вели во Законот за права на децата.

Тоа значи дека малолетникот ќе може да добие мерка – укор, засилен надзор од родителите или да биде упатен во воспитна установа или воспитно-поправен дом.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.