СВР Тетово поднесе кривична пријава против три лица од Тетово поради сомнение за злоупотреба на банкарска сметка на нивни сограѓанин преку злоупотреба на службена положба и овластување, злоупотреба на лични податоци, употреба на исправа со невистинита содржина, како и помагање и непријавување на кривично дело или сторител.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.И. (32) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „злоупотреба на лични податоци“, против М.М. (46) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „употреба на исправа со невистинита содржина“ и „помагање“ во врска со кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и против Р.И. (46) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „помагање“ во врска со кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „непријавување кривично дело или сторител“, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
Според МВР, на 19.11.2021 првопријавениот, во својство на референт во филијала на банка во Тетово, искористувајќи ја својата службена положба и овластување, без знаење и согласност на лице од Тетово, извршил систематско фиктивно евидентирање на полномошно со кое второпријавениот бил внесен како овластено лице кое може да располага со финансиските средства од сметката на оштетеното лице. Истиот ден (19.11.2021), првопријавениот од сметката на оштетениот реализирал безготовински трансфер од 622.559 денари на сметка на второпријавениот во друга банка, кои второпријавениот подоцна ги префрлил на сметка на третопријавениот.
Второпријавениот, на 22.11.2021 на шалтер во банката, од сметката на оштетениот реализирал безготовински трансфер на финансиски средства во износ од 615.220 денари на сметката на третопријавениот. Третопријавениот, и покрај тоа што знаел за ваквите криминални активности, ги ставил на располагање своите лични податоци, вклучувајќи ги и своите трансакциски сметки отворени во неколку банки, и не го пријавил случајот во надлежните институции, велат од МВР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.