40-годишниот скопјанец Исуф Енузи – Цуфи Кока, пиштолџијата кои испука куршум и мавташе со оружје кон демонстрантите кај плоштадот „Скендербег“, за време на протестите против францускиот предлог, доби затворска казна од четири месеци, што е повеќе од половина под минималната, објави ТВ 21 повикувајќи се на потврда од членовите на семејството на Кока.

Енузи, кој е член на Алијанса за Албанците, беше гонет за предизвикување општа опасност, при што е предвидена казна од една до пет години, што значи дека изречената казна е под законскиот минимум.

„За предизвикување општа опасност се гони 40-годишен скопјанец, кој на 6 јули, на платото пред плоштадот Скендербег, со општо опасно средство – пиштол ‘волтер’, модел ‘Р 99’, во калибар 9х19 мм, кој го поседувал со дозвола, предизвикал значителна опасност за животот или телото на луѓето. За време на движењето на групата граѓани, кои учествувале на јавниот собир, обвинетиот во два наврата испукал по два куршума во воздухот“, претходно информира Обвинителството.

Тој останува во домашен притвор сѐ до правосилноста на пресудата. Цуфи Кока пред пресудата исто така се наоѓаше во осумдневен притвор.

До почетокот на издржување на казната, тој ќе биде во домашен притвор.

Обвинителството најави дека ќе ја обжали висината на казната, откако до него ќе стигне писмена пресуда.

Цуфи Кока беше гонет за предизвикување на општа опасност, дело во кое е предвидена казна од една до пет години.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.