Тешка сообраќајна несреќа се случи вечерва кај Три чешми на патот Штип-Кочани, каде во моментов е запрен сообраќајот.

Според очевидците, автомобилот кој учествувал во сообраќајната несреќа нагло преминал во лентата на автобусот и удрил во него. Автобусот свирел и кочел, но не успеал да го избегне ударот, бидејќи автомобилот возел со голема брзина.

Патниците од автомобилот, кои биле двајца, едниот е во несвесна состојба и е тешко повреден, а другиот е во полусвесна состојба.

Патниците од автобусот не се повредени. Очевидци од автобусот за „Република“ велат дека тие во автомобилот најверојатно биле под дејство на алкохол.

Брзата помош е на лице место и им се пружа помош на повредените од автомобилот.

Патниците од автобусот сведочат дека возачот видел дека автомобилот иде право на нив, и ги предупредил, но не успеал да го избегне судирот.

Сведокот од автобусот видо потресен за „Република“ сведочи:

-Јас спиев кога слушнав чкрипење и свирење, а потоа силен тресок. Почна да мириса на бензин. Другарка ми почна да вика излегувај, излегувај, мириса на бензин. За среќа нема повредени во автобусот, иако испаничивме. Во моментов чекаме превоз, никој ништо не знае, мрзнеме надвор час и половина чекаме увид. Има густа магла, а полицијата не дозволува да влеземе во автобусот.

Полицијата го обезбедува местото, се чека увид од Јавен обвинител.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.