Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска, како што рече, со индигнација го отфрли сето она што деновиве се пласира во јавноста за наводно криење на овој случај, застој во истрагата. Во ниту еден момент нема никаков застој во истрагата, во врска со починатиот хрватски ракометар Денис Тот.
Тој најави дека за едното лице по кое се трага и има централен распис, ќе се распише и меѓународна и домашна потерница, а приведени се две лица учесници во настанот. Официјално во МВР нема податок дека ја напуштил државата.
Полицијата располага со видео снимка на која детално се гледа настанот како се одвива, истакна Спасовски, а од разговор постојат повеќе искази за тоа што била причината за настанот.
Според изјавите што имаме тоа е некакво лично недоразбирање меѓу девојката и момчето – информира министерот Спасовски.
Спасовски одговарајќи на новинарски прашања нагласи дека информациите дека нема траги на насилство, како што рече, ги добиле и полициските службеници кои работат на овој случај.
Дезинформациии не помагаат во истрагата, порача Спасовски и информира меѓу другото дека во рамки на истражните дејствија на разговор се повикани и управителот на дискотеката и вработена во четвртокот на пладне, но и сите лица кои биле од интерес на истрагата и можат да помогнат се повикани во полициска станица.
Сите предмети што се и од настраданиот и од осомничените лица се преземени кај истражните органи, тие ќе бидат вештачени за да биде се како што треба. Институтот за судска медицина ја вршеше обдукцијата и ги деаде резултатите и тие се дел од истражниот процес. Полицајци не присуствуваат на тој процес, туку Институтот ја врши обдукцијата. Имаме земено облека што ја носел, телефон и сите предмети што биле со него тој момент – изјави министерот Спасовски.
Наведе дека се прибираат податоци и информации во однос на сите аспекти и оперативно се работи, по што ќе се видат резултатите од целиот настан.
Веднаш по добивањето на информацијата нашите екипи се излезени и одат првично во Клиничкиот центар. Понатаму се барат информации од Брза помош за да видиме од каде е подигнат човекот и се преземаат сите последователни чекори. Информацијата пласирана прва во јавноста се базира токму на увидот и анализата што ја направиле медицинските лица во Клиничкиот центар. Инаку, истражните дејствија продолжуваат понатаму се до моментот на расчистување – појаснуваше Спасовски, по денешниот прием на донацијата во опрема и возила во вредност од 675 илјади евра за Граничната полиција на МВР, што ја предаде Амбасадорката на Сојузна Република Германија, Анке Холштајн.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.