Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривична пријава против Ј.A.(73) од Свети Николе, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „поттикнување во врска со фалсификување исправа“, потоа Т.Г.(68) и И.П.(63) од Кавадарци, овластени инженери-архитекти во две правни лица, како и против З.С.(59), Б.С.(64) и Д.Ј.(52), тројцата вработени во Секторот за урбанизам, заштита на животна средина, комунални работи и оттуѓување на градежно земјиште во локалната самоуправа на oпштина Свети Николе, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Како што соошти МВР, Ј.А., во својство на физичко лице, во текот на 2019 година поднела барање за изготвување на основен и идеен проект за изградба на деловен објект на ул.„Плоштад Илинден“ во Свети Николе, спротивно на изводот од ДУП-от, каде за градежната парцела била предвидена градба П+2 ката, додека барањето било за градба П+2+поткровје.
Т.Г. ја злоупотребил својата службена положба и ги пречекорил границите на своите овластувања изготвувајќи Идеен и Основен проект за изградба на објект со површина П+2 ката и дополнително ставил уште еден кат (поткровје) со висина 2,70 метри. И.П., пак, ја злоупотребил својата службена положба и ги пречекорил границите на своите овластувања изготвувајќи позитивен Извештај за ревизија, со кој го потврдил изготвениот основен проект, фаза архитектура, како проект изготвен согласно деталниот урбанистички план.
Така изготвената фалсификувана проектна документација, заедно со Барањето за издавање на одобрение за градење, Ј.А. ја употребила во општина Свети Николе, за издавање на одобрение за градење, при што З.С., Б.С. и Д.Ј. ја злоупотребиле службената положба и ги пречекориле границите на своите овластувања, издавајќи Одобрение за градење спротивно на Законот за градење и Деталниот урбанистички план.
Со наведените дејствија второ, трето, четврто, петто и шестопријавениот, во име и за сметка на првопријавената, овозможиле истата да се стекне со уште една спратна висина-поткровје, со површина од 85 метри квадратни во износ од околу 3.600.000 денари според пазарната вредност – наведуваат од МВР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.