Обвинителството денеска соопшти дека поднело обвинение против 18 луѓе и еден автосалон од Кочани за шверц на крадени луксузни автомобили.

Телма објави дека меѓу обвинетите е и сопругата на Раде Трајковски Штекли, српска државјанка со престој во Македонија. Штекли, кој се поврзува со низа кривични дела, во август и во октомври годинава избегна два обиди за убиство на иста локација – во Ист Гејт Мол во Скопје.

Петмина од обвинетите се вработени во МВР – референти во Одделението за управни работи – Скопје.

Обвинетите се товарат дека од 2020 до 2022 година, со фалсификувани документи, во Македонија внесувале луксузни коли, крадени во различни европски земји, и ја избегнувале царинската контрола. Автомобилите со променет број на шасија ги регистрирале со македонски таблички, а потоа, за да ги скријат трагите, за кратко време по неколкупати ги препродавале од еден на друг. Вработените во МВР во целиот тој период им издавале на другите обвинети регистарски таблици и сообраќајни дозволи спротивно на Законот за возила и со употреба на фалсификувани документи.

Автомобилите, од кои најголем дел биле предмет на меѓународни потраги, се набавувале во различни европски земји и се внесувале во земјава со променети идентификациски броеви на шасиите и со фалсификувани документи за да им се прикрие потеклото. Потоа обвинетите службени лица од МВР вршеле регистрација на возилата врз основа на лажна документација. По повеќекратната меѓусебна купопродажба, обвинетите трајно ги отуѓувале автомобилите, продавајќи ги на физички и правни лица во државава“, соопшти Обвинителството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.