Основното јавно обвинителство Гевгелија, постапувајќи по кривична пријава од Царинската управа, донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице од Скопје за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело „криумчарење“.

Како што информира Јавното обвинителство, осомничениот на 16 декември 2022 година избегнувајќи ја царинската контрола преку царинската линија на граничниот премин „Богородица“, на излез од Македонија, во автобус со турски регистарски ознаки, пренел непријавена стока од големи размери, во вкупен износ од 23.286.120 денари.

При детален преглед на автобусот, на левата страна од моторот во специјално направен бункер биле пронајдени 11.960 грама 14-каратен златен накит, спакуван во 23 пакувања, кој осомничениот не го пријавил на царинските работници, како и девизни средства – 262.500 американски долари и 154.000 евра сите во разни апоени спакувани во 16 пакувања.

Поради постоење опасност осомничениот да избега, определена му е притворска мерка во траење од 30 дена.​

Бидејќи оцени дека постои опасност осомничениот да се даде во бегство, да ја попречува истагата со влијание врз сведоците и да го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор. Судијата го прифати предлогот и му определи притворска мерка во траење од 30 дена, се наведува во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.