Министерството за надворешни работи информира дека веднаш по добиената информација за пронаоѓање на телото на македонскиот државјанин С.С. во Софија, преку Амбасадата во Бугарија, стапило во контакт со бугарските надлежни органи, од кои се добиени првични информации за случајот.
Преку Министерството за внатрешни работи веќе е стапено во контакт со семејството на починатиот во Македонија и тие се информирани за случајот.
Во соопштението на МБР се посочува дека Министерството и Амбасадата во Софија стојат на располагање за комуникација и асистенција, како и во постојана и непосредна комуникација со надлежните органи на Бугарија кои ја водат истрагата.
Претходно, дописникот на МИА од Бугарија јави дека тело на 26-годишен македонски државјанин е пронајдено во саботата околу 21 часот во близина на трговскиот центар „Парадајз“ во Софија.
Телото е испратено во Одделот за судска медицина и за случајот е поведена предистражна постапка. Според првичните сознанија, на телото нема траги на насилство и најверојатно станува збор за предозирање, пренесува МИА.
Претходно, „Плусинфо“ објави дека според објавите на пријателите на починатиот, се работи за Стојан Спасов. Повеќето од пријателите на починатиот биле спортисти кои се занимаваат со боречки вештини, во кои спаѓал и Спасов.
Според нив, Спасов бил спортист од Виница, кој веќе неколку месеци живеел во Софија. Веста за смртта на Спасов не била објавена во бугарските медиуми, туку преку социјалната мрежа Инстаграм, од каде дознале и неговите пријатели и роднини.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.