Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко денеска во Кривичниот суд се појави како сведок на одбраната на Орце Камчев за предметот „Плацевите на Водно”. Самсоненко сведочеше дека плацот на Водно, кој според обвинението е во сопственост на екс-премиерот Никола Груевски, е всушност негов и дека не му е јасно зошто не може да го користи, односно таму да си изгради куќа.

„Лајф кеар центар” е моја фирма, која е купена на име на жената, по моја наредба, значи на мојата фамилија е. Во сопственост нема ништо, освен плац од 10.000 квадрати, отприлика, купен во 2019 година. Барав голем плац за да изградам куќа за мојата фамилија. Не можев да најдам бидејќи барав над 5.000 квадрати. Орце Камчев ми го предложи овој плац како една од варијантите. Јас разгледував и го одбрав. Договорот беше да го исплатам за три години и го исплатив и пред време. Платив 110 милиони денари, рече Самсоненко, кој додаде дека со тие пари безгрижно би живеел 10 до 15 години.

Тој рече не му е јасно зошто има блокада на неговиот плац.

Нема уште пат до плацот, кој треба да го направи општината, што ми смета. Има блокада, а не ми е јасно зошто. Од тоа трпам штета, и го замолувам судот да ми објасни зошто. Кога го купив, проверив, се беше чисто. Сега пак не можам ни да градам, ни да го продадам. Да го разгледате тоа мое барање, побара бизнисменот Самсоненко.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.