Сѐ уште се трага по исчезнатите лица во реката Лепенец, информира за МИА, директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

Ангелов вели дека се трага во исклучително тешки услови.

Реката е длабока и многу брза и носи предмети со неа кои претставуваат опасност на нуркачите, вели Ангелов.

Станува збор за лицата кои со возило со косовски регистарски таблички при сообраќајна несреќа паднаа во реката Лепенец на патот Скопје – ГП Блаце. Во возилото, покрај возачот, имало и тројца сопатници. Едно лице е извадено од реката и пренесено во ГОБ „8 Септември“, а по останатите три лица се трага.

Според првичните информации од Основно Јавно обвинителство, до несреќата дошло кога автомобил „Фолксваген туран“ со македонски регистарски ознаки претекнувал колона автомобили.

Во моментот кога стигнал паралелно до автомобил со „БМВ“ косовски регистарски таблички кој се движел во истата колона, двете возила се доближиле и странично се удриле, по што косовскиот автомобил со четворица патници излетал од патот и се превртел во реката Лепенец, стои во соопштението од ЈО.

Дополнуваат дека причините за сударот сѐ уште се утврдуваат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.