Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја координираше акцијата на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР и истражители од Истражниот центар на ОЈО ГОКК, во рамките на која е целосно разоткриено злосторничко здружување во западниот дел од земјата. Во акцијата од слобода се лишени 13 лица, а едно лице е недостапно на органите на прогонот. Претреси се извршени на 17 локации во тетовскиот регион и во Охрид.

Групата одреден временски период се занимава со посредување во вршење проституција и недозволена трговија со дрога, а нелегално стекнатите приходи од овие кривични дела припадниците на групата ги прикривале со перење пари и други приноси од казниво дело.

Организираната група ја создал 35-годишник од селото Боговиње, кој ги организирал и координирал криминалните активности на другите припадници на групата и во угостителски објекти во с.Жеровјане, с.Горно Седларце и во Охрид наведувал на проституција девојки-странски државјанки кои работеле како танчерки во стриптиз-клубови.

Фактичкото работење на два од клубовите го организирал и раководел неговиот брат (второосомничениот), додека третиот осомничен раководел и ја организирал работата на стриптиз-клубот во Охрид. Четвртиот осомничен учествувал во наведувањето на проституција на девојките во угостителските објекти и бил задолжен за организација на нивното патување и влез во нашата земја, како и за олеснување на процедурите за добивање на документи за легален престој за странските државјанки, а давал и насоки за криминалните активности на другите припадници на групата во однос на сместување и превоз на девојките. Петмина припадници на злосторничкото здружување биле задолжени за обезбедување и неовластена продажба на дрога, најчесто кокаин, на девојките и гостите во угостителските објекти. Едниот од нив ги помагал и олеснувал активностите за пренос на дрогата и посебно бил ангажиран за предупредување при полициските контроли и бил задолжен да го следи движењето на полицијата на патот кон клубовите за што ги информирал членовите на групата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.