Во десниот магистрален канал на хидросистемот „Брегалница“, во близина на кочанското село Бања, доцна попладнево е пронајдено безживотното тело на 27-годишниот Р.А. од Кавадарци, кој вчера беше пријавен дека е исчезнат.

Полициски службеници во соработка со вработени од водостопанската подружница „Брегалница“ и од Територијалната противпожарна единица попладнево околу 19 часот го најдоа телото на исчезнатото лице кај еден од испустите за вода во близина на црквата во Бања. По наше барање претходно беше намален водостојот во каналот, со што потрагата беше олеснета. Лицето паднало во каналот за наводнување кај селото Тркање додека работело на инсталација на фотоволтаична централа за електрична енергија, по што негов колега случајот го пријавил во Полициската станица, изјави Александар Максимов, началник на Одделението за внатрешни работи од Кочани.

Увид на местото на настанот прават полициски екипи, а повикан е и јавен обвинител од Кочани кој треба да одреди дали ќе се врши обдукција врз телото на починатиот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.