Лицето кое се закануваше дека ќе ги убие јавните обвинители Љубомир Јовески и Вилма Рускоска е приведено и против него е поднесена и кривична пријава.

Од МВР соопштија дека Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе кривична пријава против С.З. (56) од Битола, за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ предвидено и казниво по член 144 став 3 од Кривичниот законик.

На 20 и 22 декември 2021 година С.З. преку редовна пошта од АД Пошта на Македонија – подружница ЦРПС Прилеп, испратил писма со сериозни закани по животот на јавниот обвинител од ОЈО за ГОКК Вилма Рускоска. Исто така, на 17 јануари 2022 година преку редовна пошта од АД Пошта на Македонија – подружница ЦРПС Битола, пријавениот испратил писмо со сериозни закани по животот на Љубомир Јовески, јавен обвинител на Република  Македонија. Како испраќач на сите писма пријавениот навел лица со невистинити генералии.

Веднаш по добиените пријави, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и СВР Битола, во соработка со Агенцијата за национална безбедност преземаа мерки и активности за расчистување на случајот, се наведува во соопштението на МВР.

Полицијата на 21 јануари 2022 година извршила претреси на две локации на подрачјето на Битола и тоа во домот на С.З. и во домот на неговата мајка Љ.З., а при извршените претреси се пронајдени и одземени мобилен телефон, лаптоп компјутер и предмети поврзани со кривичното дело.

Заканувачот е лишен од слобода, а по разговорот со него и по извршеното графолошко вештачење од страна на Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења, утврдено е совпаѓање на обезбедениот рачен ракопис од него и рачниот ракопис во напишаните заканувачки писма. С.З. е приведен и со кривичната пријава ќе биде предаден на надлежното Обвинителство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.