Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 63-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека сторил три кривични дела „Задоволување полови страсти пред друг“ од член 190 од Кривичниот законик. Едното полово дејствие, како што се наведува, тој го извршил пред дете кое наполнило 14 години.

Како што соопшти денеска Јавното обвинителство, јавниот обвинител до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Од ЈО посочуваат дека постојат околности што укажуваат на опасност од криење, односно дека осомничениот ќе се даде во бегство, постои оправдан страв дека ќе ја попречува истрагата со влијание врз сведоците и вештаците, како и особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело.

Судот го прифати предлогот на обвинителството и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.

Јавното обвинителство информира дека осомничениот на 24 јули, патувајќи со воз, во близина на Скопје, во еден од вагоните се доближил и започнал да допира малолетно девојче, родено 2006 година кое патувало со возот. Девојчето, како што се наведува во соопштението, вознемирено се преместило на друго седиште, по што осомничениот продолжил кон друг вагон.

Осомничениот потоа седнал спроти други две жртви и започнал да се самозадоволува на јавно место.

– Оштетените видно исплашени си ги зеле своите работи, го напуштиле вагонот и го пријавиле. Во возот влегле овластени службени лица, кои го привеле осомничениот и го однеле во полициска станица, стои во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.