Делегација на пожарникарската служба од словенечкиот град Марибор при денешната посета на противпожарната единица во Гостивар предаде повеќе парчиња опрема кои ќе ги користат нивните колеги. Во делегацијата беше и амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер.

Пожарникарите и амбасадорот остварија средба со градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари, на која се зборувало за натамошната соработка и продлабочување на досегашните врски.

Градоначалникот Таравари во изјавата за новинарите по средбата се заблагодари на донацијата од, како што рече, пријателска земја. Тој напомена дека во реализацијата посредувал и Иљаз Демири, иселеник од Гостиварско, кој четири децении со неговото семејство живее и работи во Марибор.

Амбасадорот Прескер истакна дека иако е првпат во Гостивар, ја познава културата и традицијата, бидејќи имал можност да запознае многу наши сонародници кои работат во Словенија.

Пожарникарите од Марибор остварија средба со нивните колеги во ПППЕ на која разменија искуства од нивниот делокруг и им ја предадоа опремата во која имаше црева за вода, моторна пила, шлемови и заштитна облека.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.