Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како специјализирано одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, поднесе кривична пријава против Ќ.А. и Ј.А., двајцата полициски службеници во Полициската станица за граничен премин Долно Блаце при Регионалниот центар за гранични работи Север, поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик.

Како што информира МВР, пријавените на 14.12.2022 им овозможиле на две лица со албански лични документи, кои биле задржани во станицата по извршени проверки во врска со телеграма со мерка за нивно задржување, да побегнат.

Тие во 13:25 часот пристигнале на граничниот премин со патничко возило „мерцедес“ и додека се преземале мерки по телеграмата, задржаните лица не биле обезбедувани од полициски службеник, а возачот на возилото не бил контролиран. Околу 16:00 часот, првопријавениот му овозможил на возачот со возилото да оствари влез во Република Косово без проверка на лични документи и документи за возилото. Во 16:20 часот, возачот со возило се вратил во меѓузоната, а во 17:26 часот влегол во станицата и набргу заедно со возилото заминале и оствариле влез во Косово. После тоа, откако било утврдено дека лицата се оддалечиле, пријавените не презеле никакви мерки за нивно пронаоѓање. Од надлежниот обвинител на првопријавениот му е изречена мерка притвор, а на второпријавениот мерка на претпазливост со одземање патната исправа. Одделот за внатрешна контрола против двајцата полициски службеници ќе поведе постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и ќе бидат суспендирани од работните места, се наведува во соопштението од МВР.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.