По добиените информации од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција дека шефот на обвителството, јавниот обвинител Ислам Абази, постапувајќи по барањето на Бојан Јовановски со прекар Боки 13 веќе оформил предмет и го распределил кај надлежен јавен обвинител на постапување, од правниот тим на Јовановски информираат дека со тоа почнува кривично-правна операција со кодно име „Бумеранг“.

Ја поздравуваме итноста и ажурноста при постапувањето од страна на јавниот обвинител Ислам Абази и очекуваме пред се темелна, ефикасна и непристрасна разрешница од страна на надлежниот обвинител кој ќе постапува по предметот. Поради високиот степен на карактерот и сериозноста на процесот „Бумеранг“ бараме и оцекуваме посветеност, неселективност и максимална професионалност од страна на надлежниот обвинител.

 

Напоменуваме дека поради обемноста на материјалот и доказите во бројка од 1.150.000 (еден милион и сто и педесет) фајлови со податоци во кои се содржани аудио снимени разговори, транскрипти, пораки, остварени телефонски комуникации, видео и фотографски записи, т.н. „бомби“ , заради целисходност при постапување по предметот ќе биде потребно формирање на посебен тим за работа и процесуирање на кривичните пријави во согласност со реалните потреби за ефикасно и правилнло постапување по предметот, за кое нешто ќе истакнеме посебно барање до јавниот обвинител.

 

Исто така, напоменуваме дека подносителот Бојан Јовановски ќе ги поднесува пријавите и ќе ги предаде доказите на записник по претходно утврдени законски гаранции за заштита на неговиот физички и психички интегритет поради карактерот, сензитивноста и сериозноста на отпоцнатиот процес со кодно име „Бумеранг“. Бојан Јовановски ќе ги поднесе пријавите и ќе ги предаде доказите во присуство на неговите полномошници мр.Владимир Туфегџиќ и Сашко Дукоски, адвокати од Скопје, единствено во сигурносно обезбедени простории во ОЈО за ГОКК, со визуелно, тонски запис од чинот на сослушување и предавање на доказите.

 

Јавноста благовремено ќе биде известена за термините и динамиката определена од страна на надлежниот обвинител за текот на целиот процес и во рамки на законски дозволеното ќе бидат споделувани информации во јавноста кои нема да ја компромитираат иницираната кривично правна операција со кодно име „Бумеранг“, информираат од правниот тим на Бојан Јовановски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.