Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 47-годишен осомничен за кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 2 во врска со член 19 (обид) од Кривичниот законик.
Постои основано сомнение дека тој на 20 јуни, при вршење семејно насилство, во куќа на улицата „Дабничка“ во Прилеп, со умисла се обидел да ја лиши од живот неговата поранешна сопруга. Утрото на критичниот ден, тој дошол во куќата во која живеела оштетената, се качил во собата каде што спиела и најпрвин започнал да ја дави со рацете околу вратот и да ја удира со тупаници по главата и по телото. Во тој момент пристигнала нејзината мајка која се обидела да го оттргне, но осомничениот ја турнал. Од појасот извадил нож и на поранешната сопруга и нанел неколку убодни рани во телото и ногата. Потоа бил совладан од тројца соседи кои го изнеле од куќата и го спречиле да ја оствари намерата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, оценувајќи дека постои опасност тој да се даде во бегство, да влијае врз сведоците и оштетените или да го реализира обиденото кривично дело. Судијата го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.