Доцна вечерта во четвртокот (12 јануари 2023 година), попрецизно околку 22:50 часот, осудениот за убиство и затвореник во Идризово, Беким Мемети, пријавува повреда до затворските служби. Како што истрагата ќе заклучи подоцна, всушност се самоповредил. Станува збор за расекотина на левата дланка, по што бил упатен во домската амбуланта.

А таму, во домската амбуланта не го прегледува лекар, туку друг осуденик кој е „работно ангажиран“ во амбулантата.

Бегството на Беким Мемети било помогнато од затворската полиција на Идризово. Ова го покажале доказите на истражните органи и МВР до Обвинителството поднесе кривични пријави против четворица полициски службеници, тројца што учествуваа во спроводот и командирот на смена, кој кажал кои затворски полицајци да го пренесат Мемети до Ургентниот центар. Тие се гонат за незаконско ослободување на затвореник.

Од утринава командирот и двајца затворски полицајци се во притвор, кој им го одреди Кривичниот суд, а на еден му е одземен пасошот.

Обвинителството излезе со детали за случајот во кои наведува дека главниот осомничен е командирот на смена кој давал насоки како затворските полицајци да му го овозможат бегството на Мемети.

Првите пропусти се регистрирани во домската амбуланта, каде се упатил Мемети откако сам си ја пробол левата рака. Затвореникот Мемети бил прегледан од друг осуденик кој бил работно ангажиран во амбулантата. Тој препорачал затвореникот да се однесе во Ургентниот центар. За ова бил запознаен и дежурниот командир на смена кој го наредил спроводот наместо да повика брза помош за да провери дали повредите може да се санираат во самиот затвор.

Иако процедурите налагаат доколку осуденикот треба да се третира во здравствена установа, затворската служба да побара асистенција од Министерството за внатрешни работи и возилото за спровод на осуденикот да биде придружувано од полициска патрола, тие не го сториле тоа што претходно било случај кога истото осудено лице било спроведувано до одредена здравствена установа, соопштија од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Пропусти имало и при спроводот.

Дежурниот командир наредил, а затворските полицајци го сместиле осуденикот Мемети во средниот ред на затворското комбе, иако тоа не е место за затвореници, туку според оперативните процедури местото на Мемети требало да биде во посебен дел од комбето.

Вториот пропуст во спроводот е тоа што еден од затворските полицајци не носел службен пиштол, иако тоа му било обврска.

Пред да тргнат, еден од затворските полицајци, а сега второосомничен, дал насока до колегата кој го возел комбето – да одат кон Скопје по автопат. Кога се приближиле до бензиската пумпа на Лукоил, истиот полицаец кој дал насоки за движење, прави нов „потег“.

Кога се приближиле до бензинска пумпа на Лукоил, второосомничениот кој седел помеѓу осуденикот и третоосомничениот, започнал да се преместува и свесно му овозможил на осуденикот да го искористи моментот и со лисици на рацете да успее да му го земе службениот пиштол од закопчаната футрола, се вели во соопштението на ОЈО за ГОКК.

Третиот пропуст во комбето е што иако затвореникот Мемети бил врзан со лисици сепак му било овозможено да земе пиштолот на еден од затворските полицајци и тогаш истрелал куршум.

Иако намерата за пукањето со пиштолот во кровот на возилото била да го оправда овозможувањето на бегството од страна на затворските полицајци, зрното од куршумот се одбило од кровот и случајно го погодило затворскиот полицаец И.Х. во долниот дел од стомакот. Наведените противзаконски дејствија се извршени откако службеното затворско возило било пресретнато и му било попречен патот од страна на друго возило марка „ауди“ и притоа овластените службени лица за спровод – затворските полицајци не преземале никакви дејствија во однос на нивно присилното запирање, а осуденото лице по настанот влегло во возилото „ауди“ и заминало од лице местото, изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Во соопштението на обвинителството се вели дека Мемети почнал да пука со пиштолот, додека во соопштението на МВР дека бил испукан само еден куршум. Затвореникот не се обидел да ги застрела затворските полицајци, туку барал да го запрат комбето, пукајќи во кровот на возилото.

36-годишниот Беким Мемети од Тетово се бара со меѓународна потерница. Тој е осуден на вкупно 21 година затвор за убиство и поседување дрога. Во затвор требало да биде до 2040 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.