Надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за мерка притвор за 28-годишник осомничен за кривични дела: Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи и за Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста.

Основното јавно обвинителство нареди истражна постапка против осомничениот кој на 23 мај пред угостителски објект на улицата „Македонско-косовска бригада“ во Скопје, нападнал и телесно повредил полициски службеник – началник на ЕВР Чаир, кој постапувал и вршел контрола на службите на терен во врска со кампањата „Безбедна матурска прослава“.

Осомничениот најпрвин вербално му се заканил на полицискиот службеник, а потоа и физички го нападнал, удирајќи го со бокс во пределот на раката. Осомничениот извадил и огнено оружје – пиштол марка „Сиг Сауер“ со калибар 9 мм, со 10 куршуми во рамката, кој го поседувал без дозвола, го репетирал и го вперил кон оштетениот. Еден од другите присутни полициски службеници му ја оттурнал раката, при што осомничениот испукал еден проектил во воздух, а веднаш потоа бил совладан од присутните полицајци, соопшти државното Јавно обвинителство.

Обвинителство наведува дека надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот, оценувајќи дека постои опасност да избега, да влијае врз сведоците или да го повтори делото

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.