На вчерашното рочиште од судењето против Жан Митрев и неговата клиника за кривично дело измама, застапникот на обвинението Искра Хаџи Василева побара информација за тоа во кое својство едно од присутните лица е присутно на судењето. Таа проверила, гуглала, па дознала од која професија доаѓа. На ова нејзино барање судијката Лидија Петровска одговорила дека нема законска основа да се бара причината за нечие присуство кога судењето е јавно.

Зарем е забрането присуство на лица од одредена професија кога во судница може да присуствува секој полнолетен граѓанин. Јас не гледам причина да се утврдува зошто лицето е присутно”, се обрати судијката кон обвинителката.

На ова следеше и остра реакција од одбраната дека целта на ваквиот настап на обвинителката е заплашување на дел од јавноста и притисок за да се елиминира дел од јавноста.

И вчерашното рочиште помина во знакот на целосна конфузија на застапникот на обвинението. Судијката повеќе пати бараше од обвинителката прецизно да каже што точно предлага за натамошниот тек на постапката, а таа одговори дека судот треба да каже што е целисходно.

Судијката побара конкретен предлог, но на ова барање немаше одговор.

Според одбраната, ова е најдобар знак дека постапката во случајов е веќе пропадната, затоа што обвинителството е странка која треба да докажува основаност на обвинението. Но, во случајов со Жан Митрев токму од доказите на обвинението е очигледно дека случајот се води без основа и обвинението одамна требаше да биде повлечено, смета одбраната.

Интересно е и тоа што обвинителката упорно не ги повлекува, ниту пак ги презентира доказите од листата под точка 13, а бараше и повлекување на тројца од своите сведоци.

Можеби барањето на обвинителот да биде исклучен дел од јавноста е заради одбегнување пред јавноста да се открие пропаднатото обвинение и упорното неосновано водење на постапката против Жан Митрев и неговата клиника, коментираат од одбраната.

Наредното рочиште е закажано за 4 септември.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.