Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица, од кои првиот е осомничен за продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, додека другите двајца за продолжени кривични дела „фалсификување исправа“, како и за поттикнување на првоосомничениот да изврши злоупотреба на службената положба.

Во периодот од јули 2020 година до мај 2021 година, првоосомничениот како службено лице – референт во МВР – ОУР Скопје, поттикнат од другите двајца, ја искористил својата службена положба и овластување и со умисла извршил повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на истото дело. Со тоа на осомничените им остварил значителна имотна корист од 174.052 евра, соопшти Основното јавно обвинителство.

Вториот и третиотосомничениот, во наведениот период, поднесувале фалсификувани документи за регистрација на луксузни автомобили на кои им било извршено прикривање и промена на оригиналните идентификациски броеви. Првиот осомничен, без да ги направи неопходните проверки на целокупната документација, им овозможувал да ги регистрираат возилата и потоа да ги препродадат на трети лица.

За тројцата осомничени, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, бидејќи постои опасност да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоци или да го повторат делото за кое се осомничени, се вели во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.