Нефи Усеини и брат му Ибро Усеини добија ослободителна пресуда за насилството сторено над нивниот сограѓанин Спиро Топалоски – Топал. Судијката Билјана Белевска – Пројковска утврдила дека Топалоски бил натепан од браќата Усеини, но не утврдила дека е оштетен, бидејќи така Топалоски се произнел пред судот.

Ваквиот исказ на Топалоски даден во судот, кој е контрадикторен на исказот даден во Обвинителство, им донесе слобода на браќата Усеини. Во пресудата напишана на петнаесет страници се наведува дека од снимките јасно се гледа како Топалоски е тепан, а тие му биле покажани и нему, но тој останал на исказот дека повредите не му се од Усеини, туку од непознато лице кое го удрило од зад грб.

Пет сведоци на настанот, пред судот кажале дека ништо не виделе, иако на снимките од видео надзорот, според охридскиот суд, се гледало како дел од нив панично бегале кога почнало тепањето на Топалоски.

А1он“ дојде до ослободителната пресуда за Усеини. Во неа, меѓу другото се опишуваат повредите со кои се здобил Топалоски.

За овој суд неспорно е дека во конкретниот кривично правен настан оштетениот Топалоски бил телесно повреден, од страна на сега обвинетите. Ваквата констатација произлегува од изведените докази снимки од виео надзор поставен во Хотелот Ј.во О., на кои јасно се гледа какви дејствија превземаат обвинетите при физичкиот напад врз оштетениот… – посочува судијката.

Во пресудата се опишани сите детали кои се гледале од видео надзорот.

Топалоски почнал расправија со Нефи Усеини, по што дошол и брат му Ибро, па го нападнале. Топалоски почнал со трчање да бега низ паркингот, а браќата Усеини го бркале. Од панталоните, на Нефи му паднал предмет во облик на пиштол, кој го зел брат му Ибро, па на влезот од хотелот го стигнале Топалоски. Ибро го удирал Топалоски со боксови каде ќе стигнел. Во тепањето се приклучил и Нефи. Ибро бил тој, кој според цитираните снимки, со предметот во облик на пиштол продолжил да го удира Топаловски.

Судијката Белевска – Пројковска, која ги ослободи браќаат Усеини, во пресудата го објаснува и однесувањето на Топалоски во текот на целата постапка. Таа посочува дека Топалоски се однесувал како да сака да им помогне на Усеини да не одговараат пред законот.

Овој сведок, кој иако има својство на оштетен, нема интерес за кривично гонење на обвинетите, не истакнува оштетно побарување, па судот ја прифати неговата слободна диспозиција, заради што практично во оваа постапка од формално процесен аспект нема оштетен субјект. Но, и покрај јасните снимки од видео надзор кои му беа предочувани при испитувањето, сведокот-оштетен остана на исказот дека не бил физички нападнат од обвинетите, дека повредите кои го здобил му ги нанело друго лице, не знаел кое, но дека тоа не биле обвнетите – се вели во пресудата.

Судијката не му верува на Топалоски, бидејќи тоа што тој го кажувал пред судот е спротивно на тоа што се гледа на снимките од видео надзорот. На нив, неспорно се гледа дека браќата Усеини го натепале, а тој се обидува да избега. Судијката во писмената пресуда е децидна и дека сведоците со исказите имале тенденција да им помогнат на обвинетите да ја избегнат кривичната одговорност.

За овој суд неспорно е и дека таквите повреди на оштетениот му ги нанесле сега обвинетите Н.У. (Нефи Усеини) и И.У. (Ибро Усеини). Но, со ваквите дејствија тие го сториле кривичното дело „Телесна повреда“ за кое кривично дело пак, постапката се води по приватна кривична тужба од
оштетениот – се заклучува во пресудата.

Топалоски кој пред судот го промени исказот дека бил натепан од Усеини, за медиумите изјави дека Нефи е негов пријател и дека никогаш не бил нападнат од него и брат му.

Повеќе на „А1Он“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.