Со енормното зголемување на температурите, во голема мерка се зголемени и потенцијалните ризици за настанување и ширење на пожарите во полошкиот регион, велат од СВР Тетово, додавајќи дека дотолку повеќе што овој регион се карактеризира со бујна вегетација, поради што е неопходна максимална претпазливост, будност и одговорно однесување на секој поединец.

Секторот за внатрешни работи Тетово апелира до граѓаните да бидат будни и максимално внимателни, доколку се движат и работат во нивните ниви или шуми, да не палат ѓубре, сено и слама во нивните ниви и да не ја фрлаат пепелта без добро изгаснат и запалени цигари. Дополнително, се предупредуваат оние кои ќе престојуваат на излетничките места за време на викендот да не палат пожари, кои во ситуации кога не се добро изгаснати, може брзо да се прошират на пошироката околина и со тоа да предизвикаат штети со неповратни последици. Се советува да не се оставаат стаклени шишиња или други материјали на отворени места, што може да предизвикаат пожар при подолг престој на сонце, велат оттаму.

Потсетуваат дека доколку настане пожар предизвикан намерно или од невнимание, за сторителите предвидени се ригорозни законски санкции, кои во краен степен опфаќаат и затворски казни од 6 месеци до 8 години, во зависност на видот на пожарот, последиците и други околности.

Секторот за внатрешни работи Тетово, велат оттаму, презема различни и координирани превентивни мерки за навремено откривање на можните причини за пожари, а планираните контролни активности во поширокиот регион ќе бидат засилени.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.