Компанија за производство на канабис од Кочани и нејзиниот управител од Бугарија заработија кривична пријава поради сомнение дека при продажба на марихуана, дел од робата ја префрлиле во контејнер за смет на Комуналното јавно претпријатие „Водовод-Коминална хигиена“ од Кочани за да биде оставена во депонијата во градот од каде непознати лица ја земале за неовластена продажба.
Запленети се 238 килограми чија вредност се проценува на над 400.000 евра.
Како што соопшти МВР, вчера полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Сектор за криминалистички истраги – Единица за недозволена трговија со дрога и СВР Штип-НК за КР Кочани до Основно jавно oбвинителство Кочани поднесоа кривична пријава против правeн субјект од Кочани и С.В.К. (39) од Бугарија, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” по член 215 ст.1 и ст.6 од Кривичниот законик.
Во текот на јули 2022 година преку правниот субјект каде во својство на управител е регистриран С.В.К., извршена е набавка на марихуана, која потоа е сместена во објект во рамки на наведениот правен субјект, по што на 14 јули 2022 дел од истата е префрлена во контејнер за отпад, односно во специјално товарно моторно возило за собирање смет, сопственост на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ од Кочани, за да потоа биде оставена на депонијата во Кочани, од каде НН лица ја земале за понатамошно неовластено пуштање во промет, со цел стекнување на противправна имотна корист. Истиот ден, полицијата по забележување на товарното моторно возило со натпис „КЈП Водовод – Комунална хигиена“, како влегува во оградениот простор на правниот субјект од Кочани, каде работници од „КЈП Водовод – Комунална хигиена“ механички ја истуриле содржината на контејнерот за смет во камионот, преземени се мерки и активности, при што истото е сопрено. Од извршениот преглед на товарното моторно возило утврдено е дека во внатрешноста на товарниот дел има поголема количина на марихуана – се наведува во соопштението на МВР.
Пронајдената и одземена марихуана врз основа на издадена Наредба од ОЈО Кочани, предадена е во Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР на РСМ. По извршеното вештачење на запленетата количина дрога утврдено е дека станува збор за 237 кг. и 970 гр. наркотична дрога марихуана.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.