Демиркапијците кои изутрината беа најдени со прострелни рани во нивните домови се на возраст од 72 и 34 години, се вели во првичната информација на полицијата за трагедијата која утрово ја потресе Демир Капија.

Денеска во 06.50 часот во Полициската канцеларија Демир Капија било пријавено дека во нивните домови со прострелни рани биле пронајдени Б.М.(34) и М.К.(72), двајцата од Демир Капија. Смрт кај двајцата констатирал лекар од Итна медицинска помош, а во координација со јавен обвинител на местото се врши увид, соопштија од МВР.

Видно потресен, градоначалникот на Демир Капија, Лазар Петров утрово за МИА потврди дека се случил немил настан, но не знаеше да каже детали за случајот. Изрази жалење и очекува истрагата да покаже што точно се случило.

Според првичните сознанија, повозрасниот демиркапиец по претходна расправија пукал во соседот што живеел над него во зграда, па се самоубил.

ОЈО Кавадарци се уште врши увид во зградата во која се пронајдени тела на две починати лица. Се преземаат дејствија за испитување на настанот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.